Бизнис
26. November 2015 - 14:53

Почна изградба на втора фабрика во иднустриската зона во Штип, германска инвестиција

Германска компанија која 20 години работи во Македонија, денеска почна со изградба на сопствена фабрика во штипската индустриска зона „Запад“. Фабриката „Семак фешн“ ќе се простира на 5.000 метри квадратни, а инвестицијата е вредна три милиони евра. Ќе се произведуваат кошули, а има 300 вработени.

Оваа фирма во Македонија е основана од мојата германска комапнија, работиме 20 години тука, и ова е одличен начин да ја прославиме таа дведецениска работа во Македонија, рече Лудвиг Штенау сопственик на германската компанија. 

Тој истакна дека пред да ја донесе одлуката за изградба на новата фабрика ги разгледувал условите за инвестирање во соседните земји, но условите и квалитетниот кадар најдобри биле во Македонија.

Посочи дека во овој погон имаат 300 вработени со можност за проширување на капацитети за уште стотина, а во другите  погони, меѓу кои и во Германија околу 700.

Фабриката „Семак фешн“ треба да биде отворена во јули наредната година.

Германската компанија има 1000 вработени и се едни од најголемите производители на женски кошули во Германијата. Производството го пласираат во 2.000 продавници низ Европа, во Лондон, Скандинавија, Швајцарија, Франција, Австрија, а имаат и подружница  во Москва. Годишно произведуваат 650.000 кошули.

Градоначалникот на Општина Штип, Илчо Захариев истакна дека ова е втората фабрика, која се гради во индустриската зона „Запад“. Според него Штип станува интересен и за домашните, но и за странските инвеститори.

- Во рок од шест месеци, од нашиот прв контакт, „Семак Фешн“ почнува со изградба на нова фабрика што за мене е јасен знак дека станува збор за сериозна компанија. Фактот што во ова фабрика егзистенција ќе пронадајт 400 семејства од Штип ми дава за право да ви се заблагодарам што го избравте Штип и Македонија за инвестирање, рече Захариев.

Според него инвестирањето на три милиони евра во новата фабрика од кои 1,5 милиони се во квалитетна опрема јасно покажува дека се важен сегмент на штипската економија. 

Штипскиот градоначалник најави дека интерес за инвестирање во дистрибутивен логистички центар покажала и германската компанија Мајер-Мајер, а штипската компанија  „Актива Аутомотив“ во соработка со белгиски „Ван Хол“, во зоната „Запад“ веќе купиле  парцела од 10.000 м/2 за изградба на нова фабрика при што освен каросерии за автобуси во новиот објект ќе се произведуваат и автобуси.

Захариев истакна дека пред неколку дена продадени се и три парцели за изградба на стопански објекти во индустриската зона „Македонка“. Одделението за урбанизам при Општина Штип веќе подготвува и нов детален план за нова индустриска зона во должина од четири километри, која ќе се наоѓа покрај реката Брегалница и трасата на експресен пат Штип-Радовиш, чија изградба е најевена за наредната година.