Бизнис
26. November 2015 - 15:22

Панел-дискусија за примената на новиот Закон за данокот на добивка

Македонско-германското стопанско здружение организираше панел-дискусија на тема „Правни разговори за данокот на добивка: новата правна регулатива, спогодби за избегнување на двојно оданочување и искуства од регионот”.

Како што информира Здружението, од правен аспект е анализарана примената на новиот Закон за данокот на добивка донесен во почетокот на 2015 година, а стана збор и за поволностите кои ги нудат билатералните договори за ослободување од двојно оданочување.

Подетално беа разгледани новините во регулативата во поглед на оданочување на вкупно остварената добивка, наспроти старото законско решение согласно кое во Македонија предмет на оданочување беше само распределената добивка.

Со претставниците на бизнис заедницата се дискутираше за применливите даночни ослободувања, можноста за пренос на загубите на товар на добивката во идни пресметковни периоди, како и за третманот на акумулираната добивка во периодите кои претходат пред примената на новиот Закон за данокот на добивка.

На настанот е извршен осврт на моделот на договори за одбегнување двојно оданочување и регионалните искуства од примената на овие договори и нивното взаемно дејство со националните даночни прописи.