Балкан
7. October 2015 - 17:29

Остоиќ: Ако Германија и Унгарија ги затворат границите, Хрватска ќе престане со прием на бегалци

Хрватскиот министер за внатрешни работи Ранко Остоиќ изјави денеска дека ако Германија и Унгарија ги затворат вратите за мигрантите, Хрватска исто така ќе престане да прима бегалци од Блискиот Исток, јави Танјуг.

Министерот објасни дека во таков случај Хрватска може да се договори со Словенија кој граничен премин меѓу двете земји е подготвен за прием на бегалци.

Остоиќ нагласи дека Хрватска нема да биде „жешка точка“, додавајќи дека во изминатите три недели во земјата влегле 125 илјади мигранти и дека секојдневно влегуваат во просек по 6.000, што досега ја чини земјата околу 2,9 милиони евра.

Хрватскиот министер нагласи дека бегалците ја напуштаат земјата во рок од 24 часа и дека досега азил во земјата побарале само шест лица.