Живот
25. October 2019 - 15:35

Спаси двојка со дете во Феникс од сигурна смрт: Со својот автомобил се заби во џипот и така спречи трагедија

Една жена на раскрсница во Феникс се заби со возилото во џип кој се залета на црвено светло на семафорот и така спаси брачна двојка со дете од сосема сигурна смрт.

Полициската станица од Феникс во средата објави снимка од сообраќајната камера од шокантниот судар кој се случи на 14. октомври, околу 10 часот вечерта.

„Жена (27) со својот автомобил како ангел ги блокираше пешаците и спречи другото возило да ги прегази“, напишаа во објавата на Фејсбук и ја нарекоа хероина.

„Хероината“ во сударот е повредена, но нејзините повреди не се опасни по живот“, додава полицијата.

На снимката се гледа колона автомобили како вртат лево, но црвеното светло било за оние кои го задржуваат правецот на движење, односно одат права. Во тој момент двајца пешаци со количка преминуваат улица, а џипот низ црвено оди право на нив.

Одеднаш наидува автомобилот и го блокира џипот, а потресените пешаци продолжуваат да се движат по пешачкиот премин.

По сударот, возачот на џипот кој подоцна е идентификуван како Ернесто Отанез Овесо и жената совозач се обиделе да побегнат. Уште една жена возач која била сведок на несреќата го следела џипот кој подоцна се забил и во вратата на автомобилот на жената сведок која го следела.

Овесо е уапсен под сомнение дека возел под дејство на алкохол, а е обвинет и за напад. Во неговиот џип е пронајден и пиштол, што дополнително ја алармираше полицијата, па во моментов го држат во притвор додека трае истрагата.