Македонија
28. September 2019 - 16:24

АХВ апелира до сопствениците на миленици да ги вакцинираат против беснило и да ја исполнат обврската за микрочипирање

Скоро 14 илјади од вкупниот број микрочипирани домашни миленици не се вакцинирани против беснило, покажуваат податоците на Агенција за храна и ветеринарство. Иако болеста се нема појавено од 2012 година, сопствениците на миленици имаат обврска еднаш годишно да ги вакцинираат против беснило за да нема несакани последици и кон луѓето и кон животните. 

-Досега се евидентирани 67.354 домашни миленици. Тоа е бројка од 24 сепмтеври. Од нив вакцинирани се близу 60.000 илјади. Како што реков, има дел кои не ги вакцинирани повторно. Истите тие ги повикувам да ја извршат вакцинацијата, бидејќи според законските обврски се должни да го сторат тоа. Во спротивно ќе бидат опоменати или ќе бидат посетени од институциите, вели директорот на АХВ, Зоран Атанасов. 

Сопствениците на домашни миленици се обврзани да ги микрочипираат своите животни. Од 1ви септември минатата година АХВ спроведува акција за бесплатно чипирање. Токму овие чипови можат да помогнат во идентификација на загубени животни. Но, доколку едно милениче нема чип нема да може да ги прими соодветните вакцини. Од АХВ велат дека ќе се спроведуваат проверки на ветеринарите за да се види дали бројот на антибиотици и вакцини кои тие ги искористиле се поклопуваат со бројот на чипирани миленици кои биле згрижени.

Сопствениците на миленици велат дека токму со микрочипирањето може да се покаже кои љубители на животни се одговорни, а кои не. 

Според регистарот на АХВ, најголемиот број на микрочиширани домашни миленици се кучиња, околу 3000 се мачки, а чип добила и една ласица.