Македонија
13. јуни 2019 - 13:46

Гувернерката Ангеловска-Бежоска на конференција на ЕЦБ

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска учествуваше на првата од двете панел-дискусии на 8-та конференција на Европската централна банка (ЕЦБ) за земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈЕ).

Како што соопштуваат од Народната банка, се разгледуваа клучните прашања поврзани со промените на глобалниот трговски пејзаж што се резултат на зголемените протекционистички мерки и влијанијата што тие можат да ги имаат врз економиите на земјите од овој регион, кај кои во голема мера растот е предводен од извозот и често е поддржан од нивната вклученост во глобалните синџири на производство.

-Земјите од регионот на ЦИЈЕ се мали и отворени економии со висок степен на трговска и финансиска интеграција со остатокот од светот, а пред сѐ со Европската Унија, што упатува на можност за пренос на надворешни шокови, вклучително и трговски шокови во нив. Сепак, иако ризиците се присутни и може да се остварат, досега во регионот не се забележани позначајни ефекти од забавувањето на глобалната трговија, нагласи меѓу другото Ангеловска-Бежоска во своето излагање.

Во рамките на дискусијата, акцентот беше ставен и на потребните промени во моделите на економски раст, заради намалување на подложноста на економиите на шокови во надворешното окружување, како што се поголемо фокусирање кон инвестициите за подобрување на продуктивноста и конкурентноста на економиите, тежнеење кон раст движен од иновациите и раст што ќе се заснова на поголема регионална трговска интеграција, што е особено значајна за малите економии.

Одделно внимание им беше посветено и на каналите преку кои може да се пренесат неповолните надворешни случувања во домашната економија, при што гувенерката на нашата централна банка посочи дека не е во прашање само трговскиот канал што може да доведе до помал извоз, туку дека неповолните ефекти може да се почувствуваат и преку каналот на намалена доверба на инвеститорите, што може да доведе и до помали капитални приливи во регионот, како и преку затегнување на условите на финансиските пазари. 

На оваа панел-дискусија на Конференцијата на ЕЦБ, покрај Ангеловска-Бежоска учествуваа и гувернерот на словенечката централна банка, Боштјан Васле, директорката на Одделот за економски прашања на Европската инвестициска банка, Дебора Револтела и главниот економист на Европската банка за обнова и развој, Сергеј Гуриев, а воведно излагање имаше генералниот директор на Директоратот за економски и финансиски работи при Европската комисија, Марко Бути. Тие заеднички констатираа дека треба да се продолжи со политики за задржување на макроекономската стабилност, но и со структурните политики што можат да го зголемат долгорочниот потенцијал за економски раст и да ја намалат ранливоста на економиите.

Втората панел-дискусија им беше посветена на одговорите на монетарната политика во ЦИЈЕ на финансиските шокови. Со неа претседаваше Беноа Кере од Извршниот одбор на ЕЦБ, а учествуваа гувернери на неколку централни банки и претставници на ММФ и Светската банка. 

Гувернерката Ангеловска-Бежоска го искористи своето учество на Конференцијата, што се одржа вчера во Франкфурт, и за одделни средби со високи претставници на ЕЦБ и со колеги од централни банки на земји од ЕУ.