Македонија
18. March 2019 - 19:24

Обвинителството досега не утврди злоупотреба во вториот пензиски Фонд - не е загрозено правото на пензија

Не е загрозено правото на пензија на осигурениците. Ова го покажа предистражната постапка на Јавното обвинителство, која се однесува на невршење распределба на осигуреници во вториот столб од пензискиот систем и неисплата на придонеси во приватните пензиски фондови.

Дали ќе има одговорност за скандалот со злоупотребата на фондовите кој го обелодени министерката Мила Царовска, ќе се знае откако Обвинителството ќе ги добие извештаите од Државниот завод за ревизија за извршените контроли во ПИОМ за критичниот период.

Кривичната пријава беше поднесена од Министерството за труд и социјала, откако анализите утврдија дека на 12 илјади осигуреници на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и идни пензионери, со години не им биле префрлани средства во Вториот столб, со што секој од нив поединечно изгубил околу 400 илјади денари.

Станува збор за вкупно 19 милиони евра за пензиско осигурување, кои не се уплаќани во изминатите десет години.

Основното јавно обвинителство Скопје интензивно постапува по кривичната пријава поднесена од Министерството за труд и социјална политика против непознат сторител за кривично дело  – Злоупотреба на службена положба и овластување, а која се однесува на невршење распределба на осигуреници во вториот столб од пензискиот систем и неисплата на придонеси во приватните пензиски фондови. Јавниот обвинител ќе одлучи доколку е неопходно да се преземат и други дејствија во текот на предистражната постапка. Од досегашните проверки, обвинителството утврди дека не е загрозено правото на пензија на осигурениците во Република Северна Македонија, се вели во соопштението.

Од Министерството за труд и социјална политика со коментар дека ќе ја почекаат целосната истрага од Обвинителството, во чии рамки свој исказ имаше и министерката Царовска. Таа појасни дека со цел да се вратат придонесите кои не биле префрлани во вториот столб, Владата во Буџетот за годинава обезбеди 19 милиони евра.

Злоупотребата на фондовите во ПИОМ, каде што години наназад директоруваат од ДУИ, по меѓусебните обвинувања беше причина и за тензија во владината коалиција.