Македонија
12. March 2019 - 13:40

Османи: Иванов продолжува со деструктивната политика, казнив е секој обид за наметнување претседателски систем

Фактот што Иванов продолжува со деструктивната политика во случајот е уште еден мотив повеќе зошто сега треба максимално да се ангажираме и да го направиме вистинскиот избор на претстојните претседателски избори и да не оставиме ниту теоретска шанса да ни се повтори тоа што го имавме во изминатите 10 години. Република Северна Македонија е парламентарна демократија и последниот збор во носење на законите го има Собранието. Секој обид за неуставно наметнување на претседателски систем е казниво дело.

Ова го порача денеска вицепремиерот Бујар Османи на новинарско прашање по повод непотпишувањето на неколку закони од страна на претседателот на државата за реформските закони опфатени од Планот 18 на Владата.

Претседателот Иванов, како што наведе Собранието, не ги потпиша законите за изменување на Законот за Оперативно-техничка агенција, за ратификација на спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Романија за соработка во областа на образованието, науката, културата, мас медиумите, млади и спорт, за дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија, за изменување и дополнување на Законот за едношалтерски систем и за водење на трговскиот регистар и регистар и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, за изменување и дополнување на Законот за електронски комуникации,за дополнување на Законот за продажба и давање под закуп на деловни згради и деловни простории.

Исто така, како што се наведе во соопштението на собраниската прес-служба, Иванов не ги потпишал и Указите за прогласување на пет закони донесени на 4 март и на 6 март 2019 година: Закон за изменување и дополнување на Законот за додадена вредност, Закон за изменување и дополнување на Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост,  Закон за задолжување на Република Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по договорот за заем за финансирање на проектот за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан, Закон за изменување и дополнување на Законот за субвенционирање на станбен кредит, Закон за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер;

Иванов, според образложението, Указите не ги потпишал бидејќи во извршувањето на функцијата, секогаш постапувал согласно дадената свечена изјава дека ќе го штити Уставот и, како што вели, ќе ги брани интересите на Република Македонија, стои во соопштението.