Македонија
29. December 2018 - 9:15

Судот одлучува за барањата за амнестија на обвинетите и за укинување на притворите

Продолжува амнестирањето на обвинетите за настаните од 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија, како и укинувањето на притворите за кривичните дела од претходната власт.

Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 ги амнестираше организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија“ поточно ги уважи барањата на Богдан Илиевски, Владо Јованмовски и Борис Дамовски.

За останатите барања за кои од обвинителството е добиено негативно мислење, како што посочуваат од Кривичниот суд, советот донел решенија со кои тие се одбиваат како неосновани. Обвинетите имаат право на жалба во рок од три дена до повисокиот суд.

Сите останати барања се во фаза на одлучување и од Кривичниот суд велат дека во законски утврдениот рок ќе бидат донесени решенија кои ќе бидат доставени до странките, а јавноста ќе биде известена.

Мислење дека лицата кои побарале амнестија не ги исполнуваат условите согласно Законот за амнестија е дадено во 14 случаи. Досега од вкупно поднесени 66 барања за амнестија за обвинетите за настаните од 27 април минатата година, одобрени се 16. Првата тура обвинети беа амнестирани вчера.

Поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков кој е обвинет во случајот „Империја“ останува во притвор. –  Во однос на предлогот за укинување на мерка притвор и предлог за определување мерка куќен притвор со мерки за претпазливост во случајот од обвинителството означен како „Империја“, од страна на судија на претходна постапка е утврдено дека не е комплетен и е вратен на доуредување кај најдлежниот обвинител, а по добиен уреден предлог судот веднаш ќе донесе решение, посочуваат од Кривичниот суд.

Претходно, Апелацискиот суд Скопје соопшти дека по повлекување на предлогот за одржување јавна седница од страна на обвинетите, на нејавна седница донесени се одлуки со кои мерката притвор се заменува со куќен притвор за обвинетите Ненад Јосифовиќ, Кирил Божиновски, Зорица Арсовска и Миле Јанакиевски.

Во куќен притвор вчера под полициска придружба заминаа и бизнисмените Орце Камчев и Цветан Панделевски кои се обвинети во случајот „Империја”. Овие одлуки скопска Апелација ги донесе по даденото позитивно мислење од СЈО за определување на поблаги мерки.

Во меѓувреме, Собранието на Република Македонија во рамки на 77-та седница донесе повеќе закони по скратена постапка меѓу кои и измените и дополнувањата на Кривичниот законик, пред чие гласање опозицијата ја напушти седницата.

Шеснаесет граѓански организации, пак, споени во иницијативата „Не во мое име“ пред носењето на Законот побараа од претседателот на Собранието Талат Џафери и од пратениците кои се предлагачи на измените на Кривичниот законик од дневниот ред на седницата, да се повлечат измените на Кривичниот законик, бидејќи, како што рекоа, ја оневозможуваат правдата. Според нив, некои од членовите во Законот ќе овозможат дел од обвинетите или најголем дел од обвинетите во случаите на СЈО да имаат намалени казни или нивните казни, односно обвиненија да застарат.