Македонија
30. October 2018 - 17:16

Локалитетот Стибера оставена на забот на времето поради неоткупување на земјиштето од страна на државата

На античкиот локалитет Стибера кај Прилеп во тек е конзервација на жртвеник кој потекнува од 1 или 2 век од н.е. и за кој се уште не е откриено на кој Бог бил посветен. Репрезентативниот објект изгарден од мермер бил откриен во 2014 година и е прв од ваков тип откриен во Стибера. Но конзервацијата на жртвеникот се случува по чиста среќа што истиот се наоѓа на државно земјиште. Другите објекти пак откриени во Стибера за жал или воопшто не се конзервираат или се препуштени на забот на времето. Државата воопшто не води грижа околу тоа приватните ниви на кои се наоѓа овој имресивен град да се откупат од жителите на селото Чепигово. 90 % од Стибера се наоѓа на приватен имот.

„Со тоа овој проблем што неможат парцелите да се отуѓат, односно да се земат под државна сопственост, најголем проблем е тоа што објектите неможат да се конзервираат, иако се истражении за жал ги засипуваме повторно со земја заради нивна заштита. И со тоа што се засипат неможе овие објекти да се презентираат туристички што е цел на секое археолошко истражување и вложување на државата во археолошките истражувања“, изјави Душко Темелкоски, археолог, раководител на истражувањата во Стибера.

Иако станува збор за град кој е на рангот на Хераклеа или Стоби, тој за 6 децении е откриен само 5% токму поради овој проблем. Жителите барале 1 нивни декар во Стибера да биде заменет со други 2 декари државно земјиште, но државата засега е глува за овие барања.

„Ова откритие укажува дека се работи за град од 20.000 жители кој што ја има целата инфраструктура и сите ексклузивитети на тој вид и големина на град, меѓутоа за жал денес ние можеме да се пофалиме со само неколку откриени објекти. Што значи дека изненадувањата допрва ни следуваат“, истакна Кире Јованоски, архитект конзерватор.

За тој временски период град од 20.000 жители би бил еднаков како една денешна голема метропола.