Македонија
20. April 2018 - 16:08

Власта и опозицијата се координираат за нов собраниски деловник - намерата е да се донесе до 15. Мај

Опозицијата да има потпретседател во Собранието со кој претседателот ќе мора да го усогласува дневниот ред, или пак, самиот да може да одреди две до три точки за расправа кои би дошле од редот на најголемата опозициска партија, како и да раководи со собранискиот канал. Ова е барањето на ВМРО-ДПМНЕ за кое се кршат копјата во преговорите со СДСМ за новиот собраниски Деловник.

Како што брифираат од пратеничката група на опозициската партија, овој потпретседател треба да биде механизам преку кој опозицијата ќе добие поголемо право на учество и одлучување во Собранието.

Според сегашните собраниски правила, само Џафери го има дискрециското право сам да го одредува дневиот ред на седниците, со тоа што треба да вклучи само една точка за расправа предложена од опозицијата. Иако преговара за посебно потпретседателско место, засега ВМРО-ДПМНЕ остануваат на тоа дека не го признаваат Талат Џафери и дена нема да номинираат негов заменик, иако им следува.

Второто спороно прашање во преговорите за деловникот  е прашањето за одземање на пратеничкиот имунитет. ВМРО-ДПМНЕ бара тоа да може да се стори со 2/3 наместо со просто мнозинство во парламентот.

Од друга страна, како што брифираат извори од владејачката коалиција на СДСМ, клучното нивно барање е да се ограничи расправата на седница по која било точка на дневен ред на само три дена.

Досега власта и опозицијата се согласуваат за 14 точки најголем дел за тоа конститутивната седница да трае само два дена и задолжително да заврши со избор на претседател на Собранието за да не се повтори 27 април. Со оваа седница секогаш ќе претседава најстариот пратеник. Има усогласеност и за дополнителни два дена расправа за амандмани од опозицијата на буџетот на сегашните 10 дена, како и за почести и поорганизирани надзорни расправи.

Преговорите меѓу власта и опозицијата за Деловникот треба да финишираат до 15 мај за нацрт измените да бидат конечно усогласени на на средбата „Жан Моне“ во Охрид која се одржува во посредство на тројката европратеници за Македонија од 17 до 19 мај.