Бизнис
14. March 2018 - 19:44

Нема да има рудник во валандовско, Владата ќе ја одземе концесијата за Казандол

Владата ќе го раскине договорт за рудникот Казадол. На терен се утврдени  низа неправилности,  нема услови за производство, а пробиени се и сите рокови..

Затоа веќе е извесно дека рудник за бакар во Валандово, нема да има, одлучи Владата на вчерашната седница. Сега се чека  Министерството за економија во рок од 7 дена  да најде правна рамка за раскинување на договорот за концесија и  одземање на Дозволата за експлоатација на минерални суровини.

– Полињата за наводнување, оросување не се оформени, од системот за лужење не е изградено хавариското езеро, производствениот погон е во фаза на градба со целосно завршени бетонски работи, делумно поставена метална конструкција, но во халата нема уреди, машини, постројки инсталации со кои може да се врши производство. Пробиени се речиси сите рокови – изјави Миле  Бошњаковски, портпарол на Влада.

Украинската фирма Сардач е главен инвеститор во наоѓалиштето за бакар во Казандол. Дозвола за експолатација на минерални суровини добија на 20 јули 2015 та година. Жителите на  Валаданово,  Богданци и Дојран  веднаш реагираа и бараа одземање на дозволата, со образложение дека е загрозена целата животна средина ,  а со тоа и нивното здравје.

Рефернедумoт во Валандово против рудниот не успеа,  а жителите на Дојран и Богданци се изјаснија ПРОТИВ рудникот.

Пред  доаѓањето на власт на СДСМ премиерот Заев лично на валандовчани им вети  - Доколку не се исполнат условите и постојат  индиции за нарушување на здравјето на граѓаните и  животната средина, рудник нема да се гради.