Бизнис
17. March 2018 - 16:22

На македонското стопанство му требаат стручни кадри од техничките

На пазарот на трудот се повеќе се чувствува недостаток од стручен кадар од областа на техничките науки. Иднината на македонското стопанство зависи од високо образовани инжинери, кои стекнатото знаење ќе го имплементираат во процесот на производство. Од тие причини Машинскиот, Техничко–технолошкиот и Електро-техничкиот факултет при УГД ги отворија вратите за идните студенти, за одблизу да се запознаат со условите за студирање, но и од бизнисмените да добијат точни информации каде и што ќе можат да работат.

Особено имаме мал број на навистина спремен кадар. Затоа сакаме како Универзитет да го дадеме максимумот, не само денес да испромовираме што можеме да им понудиме на студентите, туку навистина да креираме кадар кој ќе биде на располагање на нашата земја, за развој на нашата индустрија, изјави Винета Сребренкоска, декан на Технолошко-техничкиот факултет, УГД-Штип

На Македонија и е потребен кадар од областа на автоматиката, системското инжињерство, обновливите извори на енергија, мехатрониката и роботиката.

Тоа се високо софистицирани технолошки професии, кои што придонесуваат за развој на државите, општо, за развој на економијата, за креирање на поголем економски раст, изјави Татјана Атанасова-Пачемска, Декан на Електро-техничкиот факултет, УГД-Штип

Колкава е потребата од инжинери, додава Атанасова-Пачемска, најдобро го илустрира податокот што сите досега дипломирани студенти на Електро-техничкиот факултет се вработени во земјава и надвор од неа, а знаењата им овозможиле да креираат солидна иднина.