24.04.2014 - 00:28 |
Последна промена пред 3 часа 6 мин

Languages

Пазарот на електрична енергија со нови правила

Новиот правилник е донесен во мај, а примената почнува од 1 јануари 2013 година. До крајот на годината е оставен тест период со цел учесниците да видат како ќе се применува.
 
- Правилата за пазар на електрична енергија отвораат ново поглавје во процесот на либерализација на пазарот на електрична енергија на кој од 1 јануари 2013 година електрична енергија ќе купуваат повеќе од 170 домашни компании, а од 1 јануари 2015 година по пазарно утврдени цени електрична енергија ќе набавуваат сите потрошувачи во земјава вклучувајќи ги и домаќинствата, истакна на прес-конференција генералниот директор на МЕПСО Дејан Бошковски.

Тој појасни дека со новиот подзаконски акт детално се уредуваат правата, обврските и меѓусебните односи на сите учесници на пазарот на електрична енергија во Република Македонија - производители, потрошувачи, трговци, како и на МЕПСО - организатор на целиот процес.

Новинa којa се воведува, како што рече, e тргување со електрична енергија на дневна основа со примена на листи на приоритети. Со ова им се дава можност на учесниците на пазарот на дневно ниво да тргуваат со количества електрична енергија кои се вишок или пак недостигаат. На листата на понуди приоритет ќе  има понудувачот на електрична енергија кој бара најниска цена за понудената количина електрична енергија, а на страната на побарувачката приоритет има купувачот кој бара електрична енергија по највисока цена.

Учесниците ќе имаат можност да се групираат меѓусебно, со што ќе се сведат на минимум или целосно ќе се елиминираат дебалансот на електроенергетскиот систем. Новина е тоа што членовите на балансната група со меѓусебно здружување ќе можат да ги намалат отстапувањата на балансната група, а со тоа ќе се намалат и обврските кон МЕПСО.

Новите правила предвидуваат пенализација на часовно ниво наместо досегашната пракса на неделно ниво. Пресметката и плаќањето за отстапувањата на сите учесници на пазарот ќе се врши на секој час во текот на денот. Секој учесник ќе плаќа казна-пенал доколку не преземе или не предаде во системот електрична енергија во количина која е идентична со количината која ја најавил дека ќе ја произведе или потроши за секој час во текот на денот.

- Со овој модел ќе се засили одговорноста, ќе се подобри планирањето и ќе се зголеми рационалноста на учесниците на пазарот на електрична енергија. Целта е преку подобро оперативно планирање да се одржи оптимално ниво на доверлива работа и стабилност на електро енергетскиот систем, истакна Бошковски.

Претседателот на Регулаторната енергетика Димитар Петров рече дека е клучен подзаконски акт донесен годинава, кој е обврска од новиот Закон за енергетика. Усогласен е со европските правила и при неговото подготвување користени се искуства од европските развиени земји.

 

Бизнис