Македонија
26. November 2015 - 17:42

Милошоски: Техничкиот министер Спасовски да ја расчисти аферата со фалсификуваните лични карти

ВМРО-ДПМНЕ инсистира што е можно побргу да се расчити аферата за фалсификувани лични карти. Го повика министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски да се изјасни во врска со аферата и да ја расчисти. 

- Изборите на 24 април 2016 година, мора да бидат беспрекорни. Без кој било да има право, изговор или основа да се посомнева во валидноста на вољата на народот. Затоа ВМРО - ДПМНЕ, инсистира што е можно побргу, во најскоро време, да се расчисти изнесената афера, преку неделникот Фокус, близок до СДСМ по однос на наводните фалсификувани лични карти и нивната злоупотреба во нечии изборни цели. Согласно политичкиот договор, Министерството за внатрешни работи, го води министер технички назначен од страна на СДСМ, кој е истовремено и генерален секретар на оваа политичка партија. МВР има должност, министерот, технички назначен, Спасовски, мора што поскоро да се изјасни и да ја расчисти оваа афера, изјави членот на Извешниот комитет и пратеник Антониот Милошоски.

Спасовски, како што кажа Милошоски, има целосна одговорност, ги има на располагање сите ресурси, има овластување и мора да покрене постапка за расчистување на оваа афера.

- Сепак во моментов, наша оценка е дека техничкиот министер за внатрешни работи Спасовски го одолговлекува случајот, доцни со неговото разрешување и не сме сигурни дали тоа се должи на институционалното неискуство како политичар или на немањето политичка волја и способност да се расчисти оваа изнесена афера. Оливер Спасовски мора да излезе и да и каже на јавноста дали некој изработувал фалсификувани лични карти, како успеал да ги фалсификува, дали некој злоупотребил 30 000 фалсификувани лични карти на избори, кога тоа го направил и на кој начин, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Спасовски, според него, како технички назначен министер кој што ги оспоруваше изборните резултати има и лична и политичка одговорност, но сега и институционална одговорност да докаже пред јавноста дека има капацитет да се занимава со работи коишто се во надлежност на МВР. Тој, рече Милошоски, мора да одговори кој ги изработил овие наводно фалсификувани лични карти, каде ги изработил и на кој избирачки места истите се злоупотребени.

- Доколку сето ова не е точно и се работи за манипулација, Оливер Спасовски како технички назначен министер ќе мора да одговори кој се обидува да манипулира со граѓаните и со јавноста и да го изведе пред надлежниот суд, рече Милошоски.

Само на тој начин, според него, Спасовски ќе докаже дека не е дел од уште едно сценарио на СДСМ за избегнување на одговорноста и за наоѓање на изговори пред новиот изборен пораз којшто ги очекува во април идната година.

- Иако молчи шест дена за оваа изнесена афера од страна на неделникот Фокус се надеваме дека нема да молчи и во следните 149 дена до изборите во април следната година, рече Милошоски. 

Го повика Спасовски да не го одолговлекува разрешувањето на наводниот случај за 30.000 фалсификувани лични карти, да се зафати со негово разрешувањето и во најскоро можно време и на јавноста и преку институциите да им даде одговор и да покрене постапки врз основа на Законот да се одговара за вакво дело или манипулација доколку тоа не се случило.