Македонија
19. February 2018 - 17:23

Крилото на Билал Касами не признава друга БЕСА

Превирањата и поделбите во движењето БЕСА продолжуваат, откако денеска и поддржувачите на Билал Касами го објавија рокот за доставување на кандидатури за претседател на партијата. Според нив, тоа што се случуваше вчера во Тетово беше собир на граѓани, а вистинскиот конгрес на БЕСА ќе се одржи на 24 февруари во Скопје.

Од крилото на Касами велат дека политичката партија БЕСА е регистрирана во соодветниот регистар, и по завршување на претстојниот когрес целокупната документација ќе ја достават во Судот. Додека сите оние кои биле дел од собирот на граѓани во Тетово, се самоисклучиле од БЕСА.

На вчерашниот конгрес во Тетово, кој беше во организација на фракцијата на БЕСА која беше на страната на Неџбедин Карамани, за лидер на партијата беше избран Африм Гаши. По неговиот избор, тој истакна дека ќе побараат од Судот тие да го добијат правото на името БЕСА, а доколку не дојде до таков расплет, партијата ќе функционира под друго име.