Македонија
17. January 2018 - 19:17

Иванов не го потпиша указот за Законот за јазиците

Претседателот Ѓорѓе Иванов нема да го потпише указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците. Тој во своето обраќање истакна дека при носењето на овој закон е злоупотребено европското знаменце за со просто мнозинство да се донесе закон со кој се менуваат системски закони коишто, пак, се носат со двотретинско мнозинство.

Иванов посочи дека доставил образложение на 14 страни до македонското Собрание, во кое јасно се наведени сите делови, членови и ставови од Законот за употреба на јазиците кои се спротивни и го кршат Уставот. 

Предлог - законот за употреба на јазиците кој беше изгласан на 11 јануари, содржи 25 члена. Во писмото доставено од страна на претседателот Иванов, 19 членови од овој закон се наведени како противуставни.  

По ваквата одлука на Иванов, Законот повторно се враќа во Собранието. Ако биде изгласан и втор пат, без измени, претседателот нема право на вето.