Балкан
1. August 2015 - 8:45

Ирачки Курдистан побара од Турција да прекине со бомбардирањата врз ПКК

Ирачки Курдистан преку својот претставник Фалах Мустафа, кој се наоѓа во посета на САД, побара од Турција да ги прекине воздушните напади врз позициите на бунтовниците од Курдската работничка партија (ПКК) на негова територија и повика на преговори за решение на конфликтот, пренесоа француските медиуми.

Мустафа, кој е одговарен за надворешните односи во Владата на Ирачки Курдистан, остро ја критукуваше одлуката на ПКК да го прекине примирјето, истовремено објаснувајќи дека бомбардирањата врз ПКК не се адекватен одговор.

-Се разбира дека ние не сакаме нашата земја да биде бомбардирана и сметаме дека тоа нема да помогне во надминување на ситуацијата, изјави тој пред репортерите во Вашингтон.

„Воздушната кампања само ќе доведе до ескалација на ситуацијата, па затоа од двете страни во конфликтот бараме да се вратат кон примирјето. Сметаме дека нема воено решение за ваквиот проблем и дека најдобриот начин се мирните преговори“, подвлече Мустафа.

Според него, овој нов бран насилство меѓу ПКК и Турција со ништо не придонесува за надминување на ситуацијата, пред која е исправена Владата на Ирачки Курдистан, што е преплавен од бегалци кои бегаат од групата Исламска држава, чиј самопрогласен „калифат“ опфаќа голем дел од Ирак.

Мустафа ја поздрави одлуката на Турција да учествува во воздушната кампања против Исламска држава, но напомена дека борбата против ПКК е нешто друго и забележува што Турција не ја информирала неговата Влада за воздушните напади врз базите на курдските бунтовници.