Македонија
2. October 2016 - 16:47

Груевски најави нова мега мерка изградба на 140 детски градинки

Изградба на нови 140 државни детски градинки во периодот од 2017 до 2020 година. 100 од нив ќе бидат комплетно нови од темел а останатите  сместени во постоечки а неискористени јавни објекти кои претходно ќе ги реновираат и адаптираат. Овој мега проект што го најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски е проценет на околу 25 милиони евра и ќе обезбеди нови 17 000 места за сместување на дечиња.

-100 од темел новоизградени градинки не се изградиле никогаш претходно во нашата држава, а ова е добра вест за илјадници семејства чии деца ќе посетуваат градинка. Реализацијата, процедурите, проектирањето, некаде и градбите на овој проект ќе започне наредната 2017та година и ќе се завршува постепено помеѓу 2018та и 2020та. Откако ќе бидат обезбедени средствата, ќе се пристапи кон изработка на идејни решенија, разработка на типски проекти, тендерирање, по што ќе биде избран и изведувачот. Ова ќе биде и значаен инпут за градежништвото во Македонија, за градежните компании кои ќе учествуваат во изградбата на овие нови градинки, изјави Никола Груевски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ

Приоритет во рамки на овој проект ќе имаат општините кои имаат најголема потреба од нови капацитети за згрижување како и најголеми  листи на чекање како што е случајот во Центар, Струмица, Куманово, Ѓорче Петров, Аеродром, Битола, Штип, Чаир, Кавадарци,  и други. Ќе има четири модели на изградба на градинки – од простор за 50 деца до објект за 300 до 350 места.

-Планот е за 2017 година и секоја следна година да продолжи со отворање на околу 10 детски градинки на годишно ниво (ова подразбира како што кажав адаптација и темелна реконструкција на постоечки објекти во детските градинки,нивно проширување и опремување, како и отворање на градинки и групи во други просторни услови) особено во општините каде капацитетите се целосно исполнети и листите на чекање се големи или пак воопшто нема градинка, изјави Груевски

Во моментов во градинки се згрижени околу 36.000 деца а над 5.500  се на листите на чекање.  Со реализацијата на мега проектот, од 26проценти опфатот на згрижени деца ќе биде над 40 проценти или околу 54000 дечиња кои ќе одат во градинка.