Бизнис
15. October 2019 - 16:48

,,ГЕС‘‘ бара дозвола од регулаторна за дистрибуција на топлинска енергија

Градски Енергетски Системи (ГЕС) поднесе барање за добивање лиценца за дистрибуција на топлинска енергија, соопштија од Регулаторната комисија за енергетика. Со тоа официјално започнува постапката за преземање на дистрибуцијата од страна на новоформираното претпријатие на Град Скопје. Од Регулаторна информираат дека за ГЕС да добие дозвола за вршење на оваа дејност, мора најпрво да се покрене постапка за одземање на лиценцата од сегашниот снабдувач.

“Целта ни е да имаме една кристално чиста постапка за да обезбедиме сигурност во снабдувањето со топлинска енергија. Покрај подзаконските акти кои што ги имаме во делот на издавањето на лиценци и кои што, како и Законот за енергетика каде што се јасно дефинирани многу работи, една работа по која што ќе се водиме и на која што ќе инсистраме е сигурност во снабдувањето со топлинска енергија. Значи, потрошувачите во градот Скопје, кои што се приклучени на системот, во овој случај на БЕГ, да бидат сигурни и да не се грижат дека ќе имаат било каков прекин во снабдувањето со топлинска енергија”, изјави Марко Бислимовски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.

Првиот човек на Регулаторната комисија уверува дека целокупната постапка за преземање на лиценцата ќе биде транспарентна.

“Ако сè функционира како што треба постапката трае од 45 до 60 дена, но при тоа ќе треба да се земе предвид дека има и рокови со кои што ГЕС ќе треба да ни докаже дека ќе работат луѓе во ГЕС. Значи, ние и доколку издадеме лиценца на ГЕС, таа е условена сè додека не видиме доволен број на луѓе и соодветен кадар, кој што би можел да ја врши оваа дејност”, објаснува Бислимовски.

Инаку, сегашниот снабдувач, Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи, поседува лиценца за вршење на оваа дејност во времетраење од 35 години, односно до 2047 година. Оттаму велат дека

“Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи дооел Скопје ќе ги извршува своите обврски согласно лиценцата”.

Инаку, во врска со големиот број поплаки за добиени високи сметки за минатиот месец од жителите на Железара и Автокоманда, а чиј снабдувач е ЕСМ Енергетика, од Регулаторна ги информираат корисниците дека ќе добијат нови, коригирани сметки за месец септември.