Бизнис
13. March 2018 - 19:45

Државата ќе се задолжи 120 милиони евра за да ги плати долговите на општините

Владата ќе се задолжува за да ги раздолжи општините. Премиерот Заев потврди дека државата ќе подигне кредит од близу 120 милиони евра за да можат локалните самоуправи да ги исплатат долговите кон добавувачите. Општините сами  ќе го враќаат кредитот за подолг период од 15 до 20 години и  по пониски каматни стапки. Се чекаат понудите од банките и меѓународните институции по што ќе се одлучи дали државата ќе се задолжи на домашниот или меѓународниот пазар. Над 95 отсто од долговите на општините се кон домашните компании.

- Очекуваме каматните стапки да бидат од 2 до 3 отсто, што е многу пониско во споредба со сегашните 13 отсто кои ги плаќаа општините како затезни камати. Ние веруваме дека на тој начин ќе ги растовариме општини, ќе им дадеме ветер во грб за нивното унапредување во иднина, но иста така овие пари стигнуваат и до домашните компании на кои им должат општините“, рече премиерот Заев.

Се планира во иднина да се почитува и Законот за рамномерен регионален развој. Односно околу 100 милиони евра буџетски пари да се префрлат  на локалните власти.

Со нив тие најверојатно од следната година, ќе можат сами да ги реализираат капиталните инвестиции како изградбата на градинките, основните и средни училишта, дел од здравствените и културните домови. Во нивна надлежност ќе биде и управувањето со шумите а сами ќе градат  локални и регионални патишта.