Во 2008 година во Кина се разболеа стотици илјади деца, додека најмалку шест починаа по консумирањето млеко во прав, збогатено со меламин, индустриска хемикалија што се додавала за да се мами на тестирањата и млекото да се претстави како богато со протеини.
Кинеските власти наредија уништување на контаминираниот прав, но во последно време тој и натаму се пронаоѓа во Шангај и во најмалку шест други провинции.
Кина во среда ќе почне со вонреда програма за пронаоѓање и уништување на млекото, но засега не е јасно дали таа ќе продолжи и колку ќе трае, бидејќи претстојниов викенд во земјата се слави лунарната Нова Година, што претставува најголем празник во земјата.
За време на викендот во северниот регион Нингџиа се пронајдени над 170 тони од контаминираното млеко во прав, а властите затворија две фабрики. Запленети се 72 тони прав, додека остатокот се бара, бидејќи една компанија го препакувала и продала во други региони.
Скандалот со отровното млеко од 2008 година беше најголемата криза со безбедноста на храната во Кина. Кинеските власти знаеја дека пронаоѓањето и уништувањето на контаминираното млеко ќе биде проблематично, па затоа и не ветија дека ќе ги пронајдат сите отровни производи. Тие само издадоа насоки за најдобриот и најсоодветен начин за уништување на производите, но во бројни случаи тоа беше се што можеа да направат.