Македонија
17. January 2018 - 12:00

Димитров „оптимист со грижи“ за исходот од разговорите за името

По природа сум оптимист, а во случајов сум оптимист со грижи, вели македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров во изјава за Дојче веле, запрашан дали е оптимист за исходот од обновениот процес за решавање на прашањето за името што се води со посредство на претставникот на ОН Метју Нимиц.

Димитров очекува посредникот на ОН на денешната рунда разговори за името во Њујорк да понуди првична рамка што ќе овозможи суштински напредок во решавањето на спорот.

- Очекувањата се, од страна на господинот Нимиц да биде понудена првична рамка што ќе помогне да ги структуираме дискусиите, со надеж дека тоа ќе овозможи суштински напредок - изјави шефот на македонската дипломатија

Димитров кој во еден период беше преговарач во спорот за името, истакнува дека има видлива разлика во реториката, пристапот и методологијата со која денес се водат разговорите.

- Многу е сменет контекстот. И ние видовме што значи да сме предолго во чекалната, но видоа и нашите соседи и ЕУ, дека тоа е неодржлива ситуација. Иако и претходно имало фази со висок интензитет на средби, сега е забележливо многу поголемо внимание во јавноста, а и никогаш досега министри не изразиле подготвеност да влезат во процесот со подиректна улога - потенцира Димитров.

Министерот смета дека е чин на врвна политичка одговорност да се искористи оваа шанса на позитивна атмосфера за решавање на дводеценискиот проблем.

- Ние сме решени во рамки на можното да го движиме процесот кон решение. Со Грција сме соседи, и вечно ќе бидеме соседи. Но, нештата не зависат само од нас, туку и од другата страна. Во моментов, наша највисока одговорност е да направиме се што можеме, да го искористиме овој прозорец, и да се качиме на европскиот воз, бидејќи за нас таму е перспективата, напредокот, иднината - вели македонскиот министер за надворешни работи.