Македонија
6. October 2017 - 16:23

Димитров: Ќе правиме најдобро што може да го решиме спорот за името

,,ФИРОМ ќе направи што може да се реши прашањето за името‘‘. Под овој наслов, грчката агенција АНА-МПА ја пренесува изјавата на шефот на македонската дипломатија Никола Димитров дадена по вчерашната квадрилатерална средба во Солун.
 
Запрашан дали може да види решение за проблемот во блиска иднина, Димитров изјавил:
 
,,Денеска сакам да останам на „големата слика“. Со цел да го решиме прашањето за името - и ние се разбира ќе направиме најдобро што можеме за да го решиме - важно е да се создаде позитивна рамка и да излеземе од браздите на историјата, бидејќи не можеме да ја промениме нашата историја, но можеме да влијаеме на нашата иднина, и оваа иднина ќе биде и заедничка и европска. Важно е да се инвестира во оваа насока. Ако постои национален интерес заеднички за сите земји, вклучувајќи ги и нашите, тоа е како да се направи најдобро за иднината на нашите граѓани. Ние сме на вистинскиот пат‘‘, вели министерот за надворешни работи.
 
Претходно, по средбата со шефот на грчката дипломатија Коѕијас, Димитров оцени дека е јасно оти прашањето за името ги разединува двете земји, а во правец на негово решавање остануваат фокусирани на областите во кои може да се постигне напредок, кој за возврат ќе придонесе во решавање на спорното прашање.
 
Шефот на македонската дипломатија вчера и завчера во Солун учествуваше на министерска средба со колегите од Грција, Албанија и Бугарија на која се дискутираше генерално за ситуацијата на Балканот, односите меѓу земјите и аспектите и начините за соработката меѓу нив.