Македонија
22. јуни 2016 - 14:47

Дебата за состојбата на слепите и слабовидни лица во регионот

Претставници од 12 држави од регионот учествуваа на 24. седница на Балканскиот консултативен комитет на слепи и слабовидни лица, што се одржа денеска на Попова Шапка, во организација на Националниот сојуз на слепи лица на Македонија.

Се дебатираше за подобрување на условите за живот на оваа категорија граѓани,  нивно непречено движење и вработување и подобрување на можностите за користење социјална помош. Учесниците на состанокот разменија искуства за актуелните проблеми, но и направија стратегија за подобрување на проектите и програмите како повеќе би можеле да се искористат европските фондови за помош на слепите и слабовидните лица насекаде на Балканот.

- Имаме големо разбирање од Владата и Министерството за труд и социјална политика и затоа успеавме да направиме повеќе законски измени во социјалната заштита каде што имаме донесено плус туѓа нега и додаток од седум илјади денари, изјави претседателот на националниот сојуз на слепи лица на Македонија Жарко Селковски.

Секоја година, додаде, се дава финасиска подршка за набавка на повеќе помагала како говорни апарати за мерење крвен притисок, за нивото на шеќер во крвта, Браеви и звучни часовници, обезбедување на неколку тактилни патеки во Скопје, Битола и Охрид, а од другите измени во сферата на културата  нашата библиотека е во рамки на националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ во Скопје каде работат нашите членови и се произведуваат Браеви и звучни книги.

Според претставникот на слепите и слабовидните лица од Босна и Херцеговина и актуелен претседател на Балканскиот консултативен комитет Бранко Сузиќ,. економската криза на Балканот негативно влијае врз загрозената популација како што се слепите бидејќи особено е тешко да се најде работно место за овие лица.

- Ние генерално гледано на Балканот не можеме да бидеме задоволни од условите и односите на државите кон слепите и слабовидните лица. Сметаме дека условите не се ни приближно како што треба да бидат. Има одредени движења за приближување кон одредени стандарди кои ги бара европската конвенција. Уште сме далеку,  треба поголеми издвојувања од буџетите и на поорганизиран начин да се подобрат условите за слепите, како што се пристапноста, социјалата, здравството, образованието, рече Сузиќ.

Националниот сојуз на слепи лица од Македнија, кој годинава одбележува  70 години до основањето, е дел од балканскиот косултативен комитет што обединува уште 20 други земји од регионот. На седницата на Попова Шапка  ќе се направат и подготовки за генералното собрание на Светскиот сојуз на слепи лица кое ќе се одржи во август во САД.