Бизнис
22. October 2019 - 16:44

Американската комора смета дека изборите ќе бидат штетни за економијата и за реформите

Недобивањето датум за преговори е разочарувачко, но нема директно влијание врз економијата. Изборите имаат и тоа ќе биде негативно. Американската комора предупредува дека во пресрет на изборите во април економијата ќе замре, бавните реформи допонително ќе забават, ќе се намалат инвестициите, продуктивноста, растот.

„Тоа што ќе бидеме членка на НАТО не е нешто што ќе привлече странски инвеститори. Значи, ниту еден странски инвеститор нема да инветсира во една земја само затоа што е членка на НАТО. Има тука многу други критериуми кои се многу побитни за бизнисот. Но, јас, за жал, во моментов не гледам што можеме ние да понудиме за да привлечеме дополнителни странски инветсиции“, вели Дијана Десподов, извршен директор на Американската стопанска комора АМЧАМ.

Премиерот Заев пак, вели дека догодина секако треба да има избори, сеедно во кој месец, а тие нема да влијаат на растот.

„Верувам дека оваа година ќе заврши како навистина економска година и дека и наредната година ќе продолжи да биде економска година заради тоа што 2020 и така е изборна година и во 20 дена треба да се случи таа кампања и изборите. Во консултации со коморите, со кои можев да исконтактирам, ако бираат од 12-те месеци во годината, април е најсоодветен месец за избори во изборна година. Очекувам дека растот оваа година ќе го постигнеме најмалку оној што го имаме проектирано и оптимист сум дека може и над четири отсто согласно трендовите во моментов“, вели премиерот Зоран Заев.

Според американската комора, на земјава и треба дваесетгодишна стратегија и одвојување на политиката од бизнисот.

„Не можеме да прогласиме економска година. Значи, треба да ги изработиме работите кои с епотребни за стимулирање на економијата. Досега од ниту една политичка гарнитура не сме виделе посеопсежен и подолгорочен план за тоа како да го стимулираме економскиот раст. Значи потребна ни е визија за тоа каква земја и каква економија сакаме да бидеме“, вели Десподов.

Во последните 30 години во Макеоднија се гласало вкупно 24 пати. Најмногу, девет пати имало парламентарни избри, по 6 пати претседателски и локални, а три пати имало и рефендумско изјаснување.