Македонија
17. January 2018 - 16:12

Амантидис: Предлогот ќе го содржи терминот Македонија

На грчката влада и е јасно дека во секој предлог на медијаторот Нимиц ќе мора да се содржи терминот Македонија. Заменик шефот на грчката дипломатија, Јанис Аманатидис, зборувајќи за телевизија Скај вели дека тоа е јасно бидејќи самата привремена референца, која ја признава и Грција, го содржи името Македонија. 

,,Повеќе од 140 земји веќе ја нарекуваат и и се обраќаат со уставното име на БЈРМ, тоа е реалноста. Тоа е резултат на инертноста и сокривање на главата во песок‘‘, рече Аманатидис. 

Сепак, Аманатидис додава дека се работи за тајна дипломатија на Неа Демократија, бидејќи времената спогодба никогаш не била ставена на гласање во грчкиот парламент.

Според грчкиот дипломат во Њујорк ќе има нов предлог, нов приод и нова методологија, а прв чекор ќе биде да се постигне договор како ќе се одвиваат преговорите.

Аманатидис повтори дека целта на Атина е сложено име за севкупна употреба, кое ќе се користи и во Македонија и надвор од неа, како и елиминирање на иредентизмот од страна на Скопје. Тој во изјавата не спомена географска одредница, но додаде дека постојат други параметри, кои ќе го одредат текот на преговорите и ќе ја разјаснат грчката дипломатија.

Заменик-министерот се обиде да го минимизира предлогот на владиниот партнер Панос Каменос за одржување референдум во Грција за името на Македонија, велејќи дека зборот референдум не се појавува како опција.

Во меѓувреме, протести против употребата на терминот Македонија во нашето име, во недела освен во Солун ќе се одржат и во други места, а како организатор се јавува и грчката црква. 

Во протестите ќе учествуваат локалните власти и пратеници од разни партии. Меѓу нив ќе бидат и пратеници од најголемата опозициска партија Неа Демократија, неофашистичката Златна Зора, како и од владиниот партнер Независни Грци.